Епи Центар Интернационал спроведе Истражување за економските потенцијали на малите и средни претпријатија во рамки на Проектот „Модернизација на приватниот сектор за одржливост и пристојни работни места во Северна Македонија“ во периодот февруари/март 2024 година. Проектот е имплементиран од Swisscontact и финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Студијата претставува истражување насочено кон идентификување на потребите, предизвиците и можностите за поттикнување на економскиот раст на малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија, во текстилниот сектор и прехранбената индустрија. Истражувањето се спроведе преку т.н. интервјуа со 41 компанија, и во таа насока претставува квалитативна проценка и основа од релевантни информации за идентификување на потребите од модернизација во насока на иден економски раст за компаниите.
Врз основа на сеопфатна анализа, како и информации од директни разговори со компаниите, Епи Центар Интернационал креираше и препораки за понатамошен развој на проектот, како и предлози за фокусирана поддршка на приватниот сектор во Северна Македонија.
Проектот „Модернизација на приватниот сектор за одржливост и пристојни работни места во Северна Македонија“ има за цел да ги направи бизнисите поодржливи, да им овозможи да растат и да создаваат пристојни вработувања и да генерираат повисоки приходи, преку модернизирање на нивните процеси, капацитети и развиени човечки ресурси кон поголема ефикасност и еко-пријателство од една страна, и олеснување на обезбедувањето услуги од страна на институциите и организациите за поддршка на бизнисот.