На 14 февруари 2018 година, во соработка со Министерството за финансии на Република Македонија, во Стопанската комора на Македонија се одржа информативната сесија на тема: „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на нацрт текстот на новиот Закон за јавни набавки“, во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, каде беа присутни над 130 претставници на бизнис заедницата од Република Македонија.
Модератор на настанот беше м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, а на настанот се обрати и д-р Драган Тевдовски, Министер за финансии во Владата на РМ, кој ги претстави реформите во јавните набавки и се вклучи во дискусијата со бизнис заедницата. Во дискусијата учествуваше и Директорот на Бирото за јавни набавки на Република Македонија, Ѓорѓи Георгиевски, кој одблиску успеа да ги чуе мислењата на бизнис заедницата во врска со можните подобрувања на новиот Закон за јавни набавки. На настанот свое обраќање имаше и Едвард Гонзалес од Канцеларијата за економски развој на УСАИД Македонија, кој додаде дека УСАИД во Македонија веќе 25 години посветено работи во делот на економскиот развој и ја истакна важноста на јавните набавки, воедно тој додаде дека конкретно 1/3 од буџетот е определен за јавните набавки.
Предавачи на информативниот настан беа истакнати експерти во наведената област. Г-дин Мариан Лемке, претставник од СИГМА кој пред присутните одржа презентација за европските директиви во областа на јавните набавки, и во вториот дел од сесијата, д-р Анета Данева Мострова, експерт за јавни набавки, која пред присутните одржа презентација за текстот на Нацрт-законот за јавни набавки.
Предвидени се уште две инфо сесии на темата: „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на Нацрт текстот на новиот Закон за јавни набавки“ кои ќе се одржат на 22 Февруари, 2018 година во Струга и 2 Март, 2018 година во Штип.
Проектот има за цел да се унапредат реформите за регулаторната рамка, а се предвидува и вложување на постојани напори преку точно претставување на одржливото јавно-приватно партнерство кое ќе се користи за лобирање и нагласување на тековните потреби на претпријатијата. Знаејќи дека правното усогласување е едно од најсериозните прашања за претпријатијата, коморите ќе го спојат своето искуство и капацитети во насока на решавање на овој проблем. Проектните активности вклучуваат оценки на тековните регулативи и правните барања во однос на претпријатијата и да им се помогне да ги исполнат тие барања, како и воспоставување механизми за јавно-приватно партнерство за да се унапредат реформите за регулаторната рамка.
Господинот Љупчо Димовски, директор на „Епи Центар интернационал“, истакна дека целта на овие сесии е подобра усогласеност на бизнисот со законската регулатива преку информирање и детектирање на промените што фирмите би сакале да ги видат во соодветните регулативи. Тој додаде дека предлозите од бизнис заедницата по завршувањето на информативниот настан ќе бидат дополнително разработени и доставени до Владата на Република Македонија.
Настанот како дел од Проектните активности беше спроведен од „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ и четирите клучни партнери: Стопанската комора на Македонија; Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.