На 15-ти февруари 2018 во Струмица се одржа информативниот настан "Промоција на програмата за воведување на современи агроеколошки мерки во сливот на река Струмица" на кој учество земаa голем број земјоделски производители од регионот.
Цели на настанот:
- Одбележување на почетокот на вториот циклус на грантови за воведување на агроеколошки мерки во сливот на река Струмица, на териториите на општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.
- Запознавање со програмата за воведување на агроеколошки мерки, досегашните резултати и можностите за понатамошен развој.
- Можност за средба со земјоделски производители од регионот (учесници на обуката на УНДП) заради споделување на искуства и дискусија околу идните приоритети
Свое обраќање на настанот имаше Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, претставникот на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон, а беа присутни и претставници на општините од регионот и претставници на експертскиот тим на УНДП (Епи Центар Интернационал и универзитетски професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, Земјоделски институт).
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во рамките на Проектот за управување со сливот на реката Струмица, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, почна со втор циклус на обуки за земјоделците – кандидати за грантови за воведување на современи агроеколошки мерки. Обуката содржи интензивен теоретски и практичен дел кој ќе трае до крајот на март 2018 година. Средствата ќе ги добијат најдобрите учесници кои успешно ќе ја завршат обуката и ќе го положат тестот на знаење. Добитниците на грантови во висина до 300,000 денари ќе бидат прогласени во април 2018 година, кога се очекува да започне и практичната реализација на мерките. Во вториот циклус на обуки ќе бидат вклучени повеќе од 100 земјоделски производители. Од нив, ќе бидат избрани најмалку 30 грантисти и тоа 10 за овоштарство и 20 за градинарство. Поддршката за земјоделците е преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници. За сите избрани земјоделски површини се прават детални почвени анализи, врз основа на кои ќе се изработуваат програмите за наводнување и исхрана на културите. Идејата на програмата е избраните пилот фарми да станат пример за современо и одржливо земјоделско производство, што ќе може понатаму да се пресликува на многу поголема земјоделска површина во регионот и пошироко.
Во рамките на претходниот циклус на грантови веќе се постигнати одлични резултати како по однос на намалувањето на негативните ефекти по животната средина, така и по однос на подобрувањето на производството.